Борис I

бугарски владетел
(Пренасочено од Цар Борис I)

Борис I или Борис-Михаил (старословенски: Борисъ А҃ / Борисъ-Михаилъ бугарски: Борис I / Борис-Михаил; ? - 2 мај 907) — бугарски владетел на Првото Бугарско Царство од Крумовата династија во периодот од 852 до 864 година како хан, и од 864 до 889 година како кнез, кога се повлекол за да во 893 година повторно владее на кратко кога го детонирал својот најголем син Владимир Расате од престолот и го качил на истиот другиот син, Симеон. Борис I е познат по тоа што ги покрстил Бугарите во 864 година и го вовел старословенскиот јазик во службена употреба.

Борис I
Кнез на Бугарија
На престол852–889
ПретходникПресијан
НаследникВладимир
Починал(а)2 мај 907
манастир во близина на Преслав
СопружникМарија
ДецаВладимир
Гаврил
Јаков
Симеон
Евпраксија
Ана
ДинастијаКрумова династија
најверојатно Дуло
ТаткоПресијан
Вероисповедправославие

Име и титули

уреди
 
Монета на Борис-Михаил.

Најзастапена теорија е дека името Борис има прабугарско потекло.[1][2][3] По конверзијата во христијанство, Борис го прифатил христијанското име Михаил. Во историските истражувања понекогаш е нарекуван Борис-Михаил.

Единствен директен доказ за титулата на Борис се неговите печати и натписите пронајдени кај градот Балш, во денешна Албанија, и во Варна. Таму, тој е нарекуван со византиската титула „Архонт на Бугарија“, која вообичаено се преведува како „владетел“, а во 10-11ти век и како „Кнез“ (Кнѧзъ).[4] Во бугарските извори од тој период, Борис I се нарекува „Кнез“ или „Цар“ ("Царь"), а за време на Второто бугарско царство, како „Цар“.[5]

Во современата историографија Борис е нарекуван со различни титули. Повеќето историчари се согласни дека тој ја променил својата титула по прифаќањето на христијанството. Според нив, пред покрстувањето ја имал титулата Хан[6] или Канасубиги,[7][8] а потоа Кнез.[9]

Покрстување

уреди

Во почетокот на неговото управување, Бугарите влегле во серија на неуспешни воени конфликти со Источнофранкската империја, Византија и Хрватска. Византискиот цар Константин Порфирогенит запишал на кратко за еден неуспешен поход на Борис во соседното Српско кнежевство, при кој престолонаследникот Владимир заедно со дванаесет големи боили паднале во заробеништво. Тогаш, од тага по својот син, Борис бил принуден да склучи мир. Борис ги изгубил сите војни кои ги водел.

Во 862-863 година Борис I склучил воен сојуз со кралот Лудвиг II Германски и започнал да преговара со него за примање на христијанството во Бугарија од римскиот папа. За да го разруши овој сојуз, Византија во коалиција со Велика Моравија и Хрватска во 863 година започнала војна против Бугарија. За Борис I оваа војна била неуспешна и тоа го разнишало значително политичкото господство на Бугарите по средниот тек на Дунав.

Како одговор на молбите на великоморавскиот кнез Ростислав во есента на 863 година, византиските сили повторно навлегле во бугарските земји. Зафатените на запад бугарски војски не можеле да пружат сериозен отпор на Византија. Започнале мировни преговори, чиј резултат бил склучениот мировен договор помеѓу Бугарија и Византија. Борис I се задолжил да го раскине својот сојуз со германскиот цар и заедно со својот народ да го прифати православното христијанство од Цариградската патријаршија. Бугарскиот владетел го прифатил христијанството речиси тајно за да избегне можни внатрешни конфликти во империјата.

 
Покрстување на Бугарите, Манасиев летопис

Според делумно уништениот натпис од Балши, град кој денеска се наоѓа во близина на Белград во Албанија, како и според Тадеуш Василевски и Моско Москов[10], Бугарите покрстувањето односно христијанизацијата на населението ја добиле во 865-866 година:

Се покрсти од Бога архонтот на Бугарија Борис, покрстен како Михаил заедно со дадениот му од Бога народ во летото 6374 година[11]


Бугарскиот владетел го прифатил името на својот 24 годишен духовен татко, византискиот василевс Михаил.

Веднаш по покрстувањето во земјата избувнал бунт во круговите на неколку незадоволни бугарски провинции. Главниот проблем се гледал во зголеменото византиско влијание во земјата. Бертинските летописи опишуваат како Борис со неколкумина верни поданици успеал не само да се спаси туку и да го задуши бунтот и ги зароби противниците. Кнезот ги казнил со смрт организаторите. Загинале 52 болјари со целите нивни родови[12][13]. Според некои истражувачи станува збор за само 52 смртни пресуди[14].

Папските мисии и основањето на бугарската црква

уреди
 
Икона на цар Борис

На 29 август 866 година, набргу по задушувањето на бунтот, во Рим пристигнала амбасада од Бугарија, барајќи одговори на низа прашања за црковните практики, како и богослужбените книги и граѓанскиот законик. Се чини дека Борис испратил и друга амбасада кај Лудвиг Германецот за да го објави покрстувањето на Бугарите и да побара мисионери. Во ноември 866 година, папската мисија предводена од епископот Формоз од Порто, кој подоцна станал и римски папа, заминала за Бугарија.[15] Епископот со себе го донел одговорот на папата Никола I на прашањата на Борис во форма на опширно писмо упатено до сите Бугари, не само до нивниот владетел. 106-те поглавја од писмото се занимаваат со различни теми: од крштевањето и бракот до капењето, постот и разликата меѓу гревот и злосторството. Папата Никола го укорил Борис за строгата казна кон неговите болјари: „постапи без сериозно да ја измериш работата.“ За прашањето пак за независната бугарска црква, неговиот одговор бил помалку директен: „Сега не можеме да ви дадеме дефинитивен одговор додека нашите легати, кои ги испраќаме во вашата земја, се вратат и ни кажат колку се бројни и обединети христијаните меѓу вас.“[15]

Нема многу описи на тогашните бугарски практики, што само делумно може да се реконструираат од одговорите на папата. Откупувањето на невестата, ритуалната жртва без пролевање на крв, употребата на камења со лековити својства и амајлии, сексуалните табуа, и погребувањето на самоубијците, се само неколку погледи во претхристијанските верувања на Бугарите.[16] Се чини дека папата бил изнервиран од она што тој го сметал за глупави прашања: „Она што сакаш да го научиш во врска со панталоните (femoralia) го сметаме за излишно. Зашто, не сакаме да се промени надворешниот стил на вашата облека, туку однесувањето на внатрешниот човек во вас.“ Еден одговор укажува дека во Бугарија постоеле специфични верувања за ритуалната чистота, бидејќи папата Никола детално се осврнува на прашањето „дали чист или нечист човек може да го носи или целива Господовиот крст и моштите.“[16]

Потребно било повеќе разјаснување за другите ритуални практики од поголемо политичко значење. Очигледно, во претхристијанска Бугарија, кога владетелот „седнува да јаде, обичај е никој, па ни неговата жена, да не вечера со него.“ Борис побарал сите негови поданици „да јадат на далечина, седнати на столчиња на нивото на земјата.“[16] Папата Никола I забранува инцест (индикација дека сродството можеби не го спречувало бракот во паганска Бугарија) и полигамија, тема за која тој дефинитивно се согласил со патријархот Фотиј. Неколку прашања во врска со теми како бракот на свештениците или положбата на рацете за време на молитвата укажуваат на тоа дека Борис веќе бил свесен за разликите во ритуалите меѓу западните и источните христијани. Меѓутоа, генерално, се чини дека Борис повеќе се интересирал за практиките, отколку за доктрината.[17]

Заедно со мисијата во Бугарија, папата Никола испратил уште една амбасада во Константинопол за што поагресивно да ја изрази папската осуда за изборот на Фотиј за патријарх. Пратениците никогаш не стигнале до Константинопол, бидејќи биле запрени на границата со Бугарија од страна на византиските власти, во околностите на конфликт меѓу Фотиј и Никола I. Не можејќи да преминат во Империјата, пратениците поминале извесно време во Плиска пред да се вратат во Рим. Се вели дека Борис многу го засакал најмладиот член на таа амбасада, подѓакон во базиликата Санта Марија Маџоре, кого сакал да биде поглавар на неговата црква.[18] Меѓутоа, водечката улога на римската мисија во Бугарија ја имал бискупот Формоз од Порто. За само една година работа, под негово водство, мисијата успешно преобратила голем број луѓе. Охрабрен од тој успех, Формоз почнал да ракополага со свештеници и да осветува новоизградени цркви, со други зборови да се однесува како епископ на Бугарија, а не на Порто. Во овој момент, Борис побарал од папата да го назначи Формоз за поглавар на неговата црква. Но, непосредно пред или непосредно во почетокот на 868 година, Формоз бил отповикан од папата Никола. И другиот епископ на мисијата, Павле од Популонија, се вратил во Рим.[18]

 
Бугарија во времето на кнез Борис I

За да ги замени, новиот папа, Адријан II, испратил уште двајца епископи во Бугарија, Гримоалд од Бомарцо и Доминик од Тривенто. Друга папска амбасада ја преминала Бугарија во 869 година на пат за Константинопол, каде што требало да присуствува на соборот свикан од царот Василиј I и патријархот Игнатиј I за да се реши расколот со Рим.[18] Меѓутоа, на враќање во Рим, папските пратеници не поминале низ Бугарија, бидејќи во меѓувреме самите пратеници на Борис што се појавиле пред тој синод поставиле многу вознемирувачко прашање, имено дали бугарските христијани му должат послушност на Рим или на Константинопол. Огорчен од четиригодишното папско запоставување, ако не и целосно отфрлање на неговото барање за архиепископ, Борис решил да се оддалечи од Рим и повторно да се сврти кон Константинопол. И покрај протестите на папските легати, патријархот Игнатиј I назначил архиепископ на Бугарија, на кој му била ветена значителна автономија. До 870 година, прашањето било решено во корист на Борис. Гримоалд, епископот на Бомарцо, бил протеран од Бугарија, а заедно со него и сите други членови на римската мисија кои сè уште биле во земјата. Во меѓувреме, првиот византиски архиепископ на Бугарија пристигнал во Плиска. Но, одлуките на синодот од 869/70 година не ги обесхрабриле папските напори за враќање на загубените позиции во Бугарија. Папата Јован VIII (872-882) напишал писма до грчките епископи и свештеници во Бугарија, до Борис и до неговиот дворјанин Петар и до друг човек кој се чини дека бил брат на Борис. Тој тврдел дека Бугарија била под Рим, а не под цариградска јурисдикција, го повикал Борис да се врати на послушност кон Рим и ги повикал неговите советници да го свртат својот владетел да се изјасни за Рим.[19]

Бугарската црква имала седум митрополии и била конструирана по византиски модел. Во 879 година на патријаршискиот престол во Цариград седнал по вторпат патријарх Фотиј I Цариградски и свикал нов црковен собор. На 24 декември 879 година Фотиевиот собор предвидел дека Цариградската патријаршија повеќе нема да устоличува во Бугарија дури да биде упатено слично барање. Во пракса тоа значело дека Бугарската црква станала автокефална (самостојна). На чело на бугарската црква застанал Јосиф I Бугарски, архиепископ и прв бугарски патријарх, којшто ја спроведувал прословенската политика на Борис I, и подоцна на цар Симеон I.

Словенската писменост

уреди
 
Како ктитор на манастирот Св. Наум покрај Охрид, фреска од 1806 година

Во истото време (краjот на 885) Борис ги примил учениците на Кирил и Методиј - Наум, Ангелариј и Климент. Старословенскиот јазик станал службен јазик на Бугарија, заменувајќи го грчкиот. Климент Охридски бил испратен во 886 година како словенски учител во областа Кутмичевица, каде ja основал Охридската книжевна школа. Во 893 година, Климент бил заменет од Наум Охридски.

По непрекинато 36-годишно управување во 889 година царот Борис доброволно се откажал од престолот и се повлекол во манастир. Борис имал четири синови: Владимир Расате, Гаврил, Симеон и Јаков. За свој наследник го назначил првородениот син Владимир Расате.

Неумешната анти-византиска политика на кнез Владимир Расате, спроводена со обид за враќане кон паганството, го принудила Борис да го напушти манастирот и да преземе решителни мерки. Тој го симнал Владимир-Расате од престолот, го ослепил го и го фрлил во темница. Потоа тој свикал народен собор во 893 година, на кој го најавил владеењето на својот трет син, Симеон I, и преместувањето на главниот град на Бугарија од Плиска во Преслав. Во истото време Климент станал епископ на Величката епархиja со центар во Охрид (според некои теории, на Охридската епископија како дел од Бугарската православна црква), а Наум дошол од Преслав во Охрид да ја води Охридската школа.

Наводи

уреди
  1. Проф. Веселин Бешевлиев (Издателство на Отечествения фронт, София 1981)
  2. Д-р Зоя Барболова - Имена със значение вълк в българската антропонимна система. LiterNet, 30.04.2013, № 4 (161).
  3. Peter B. Golden, Turks and Khazars: Origins, Institutions, and Interactions in Pre-Mongol Eurasia, Volume 952 of Collected studies, Ashgate/Variorum, 2010, ISBN 1409400034, p. 4.
  4. Бакалов, Георги. Средновековният български владетел. (Титулатура и инсигнии), София 1995, с. 144, 146, Бобчев, С. С. Княз или цар Борис? (към историята на старобългарското право). Титлите на българските владетели, Българска сбирка, XIV, 5, 1907, с. 311
  5. Бакалов, Георги. Средновековният български владетел..., с. 144–146
  6. Златарски, Васил [1927] (1994). „История на Българската държава през Средните векове, т.1, ч.2“, Второ фототипно издание, София: Академично издателство „Марин Дринов“, стр. 29. ISBN 954-430-299-9.
  7. 12 мита в българската история
  8. Страница за прабългарите
  9. Златарски, Васил [1927] (1994). „История на Българската държава през Средните векове, т.1, ч.2“, Второ фототипно издание, София: Академично издателство „Марин Дринов“. ISBN 954-430-299-9.
  10. Моско Москов, "Именник на българските ханове-нов прочит", 1988 г.
  11. Васил Н. Златарски, "История на Първото българско Царство. II. От славянизацията на държавата до падането на Първото царство (852—1018). III. Национализация на българската държава. 1. Междудържавното положение на България и покръщането на българите", София, 1927 г.
  12. Съдът над историците: българската историческа наука, документи и дискусии 1944-1950, Академично изд-во М. Дринов, 1995, ISBN 9544302476, стр. 246.
  13. Годишник На Софийския университет "Св. Климент Охридски". Център за Славяно-византийски проучвания "Иван Дуйчев". Том 10, София, стр. 89 .
  14. Георги Тодоров, Св. Борис и митът за избиването на 52-та рода, в. Култура, брой 2 (2441), 19 януари 2007 г.
  15. 15,0 15,1 Curta 2019, стр. 202.
  16. 16,0 16,1 16,2 Curta 2019, стр. 203.
  17. Curta 2019, стр. 204.
  18. 18,0 18,1 18,2 Curta 2019, стр. 205.
  19. Curta 2019, стр. 206.

Литература

уреди

Curta, Florin (2019). „Conversion to Christianity: Moravia and Bulgaria“. Eastern Europe in the Middle Ages (500—1300). Leiden and Boston: Brill. стр. 179–213. ISBN 978-9-0043-4257-6.

Надворешни врски

уреди
Владејачки титули
Претходник
Пресијан како кан
Кнез на Бугарија
852–889
Наследник
Владимир