Фауна
Фауна (од лат. fauna) е збирен поим за сите животни во едно подрачје или во некој геолошки период.[1] Еквивалентниот поим кај растенијата е флора. Флората, фауната и другите облици на живот како габите заедно се нарекуваат биота.
Во трудовите на зоолозите и палеонтолозите, поимот „фауна“ се однесува на збир од типичниот животински свет во некој временски период или на некое место (на пр. „фауна на Сонора“ или "фауна на камбриумот“. Може да се однесува и на подмножество од фауната во подрачје, како: „... Поречието се одликува со богата цицачка фауна...“.
Потекло на поимот
уредиЗборот „фауна“ е изведен од римската божица Фауна,[1] надлежна за земјата и плодноста и сродните шумски духови наречени фауни. Под истиот поим може да се подразбира и пишано дело (книга, попис) на животни. Поимот прв го употребил шведскиот биолог Карл Линеј во насловот на неговото дело „Фауна на Шведска“ (Fauna Suecica, 1745).[2]
Видови на фауна
уредиЕпифауна
уредиЕпифауната опфаќа водни животни што живее на површина на најдолниот слој на водата (наспроти во самата тиња).
Инфауна
уредиИнфауната е сочинета од бенталски организми што живеат во самото дно на некоја водна површина, особено во тињата и талозите. Членовите на оваа група стануваат сè помали и пооскудни на поголеми длабочини, додека пак бактериите се подоследни.
Криофауна
уредиКриофауната се состои од животните што живеат во или веднаш до мраз.
Криптофауна
уредиКриптофауна се животните што се среќаваат мошне ретко и се сметаат за изумрени или митолошки (на пр. чудовиштето од Лох Нес).
Макрофауна
уредиМакрофауната подразбира бенталски или почвени организми што не би се протнале низ сито од 0,5 мм. Во морските длабочина, за макрофауна се сметаат организмите што не поминуваат низ сито од 0,3 мм.
Мегафауна
уредиМегафауната се однесува на особено големи животни на извесно подрачје или временски период, како на пр. австралиската мегафауна.
Мезофауна
уредиМезофауната подразбира макроскопски почвени без‘рбетници како што се членконогите и цевчестите црви. Членовите ма мезофауната се крајно разновидни; само земјените болви (Collembola) имаат 6.500 видови.[3]
Мејофауна
уредиМејофауната ја сочинуваат мали бенталски безрбетници што живеат во морски и слатководни живеалишта (најчесто песоци). Овие организми се поголеми од микрофауната, но помали од макрофауната, поточно оние што можат да поминат низ сито од 0,5 – 1 мм, но би се задржале на сито од 30 – 45 μм.[4]
Микрофауна
уредиМикрофауната опфаќа микроскопски животни, како што се праживотните и ротиферите.
Други
уредиДруги видови на фауна се авифауна (со значење „птичја фауна“) и ихтиофауна (што значи „рибја фауна“).
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „фауна“ — Лексикон на македонскиот јазик
- ↑ Линеј - Енциклопедија Британика (англиски)
- ↑ Josef Rusek (1998). „Biodiversity of Collembola and their functional role in the ecosystem“. Biodiversity and Conservation. 7 (9): 1207–1219. doi:10.1023/A:1008887817883.[мртва врска]
- ↑ Фауна на песочните плажи (англиски)
„Фауна“ на Ризницата ? |