Самовила Македонска
Самовила Македонска (позната и како Самовила Македонска и еја посестрима) е поема напишана од македонскиот национален и револуционерен деец Ѓорѓија Пулевски. Поемата е напишана во 1878 година во Софија[1], непосредно во годината на револуционерните збиднувања со Македонското (Кресненско) востание, Руско-турската војна во Големата источна криза (кога е ослободена Бугарија) и Берлинскиот конгрес[1]. Преку песната Ѓорѓија Пулевски ги искажува силните стремежи и традиции македонскиот народ, сакајќи со силен патриотски набој да го крене македонскиот народ на ослободителна борба против поробувачите, потсетувајќи го на сопственото славно минато и историја на Македонија од времето на Филип Македонски и Александар Македонски. Оваа поема е сведоштво за свеста на македонското преродбенско ослободително движење за поврзаноста со Античките Македонци како доказ и стожер за македонската национална посебност и самобитност. Оваа поема е првата објавена поетска творба на Ѓорѓија Пулевски и истовремено е првата македонска револуционерна политичка-патриотска песна со јасна националноослободителна определба во македонската литературна историја[2]. До крајот на XIX век, поемата била уште 2 пати објавувана. Македонскиот преродбеник Кузман Шапкарев во целост ја препечатил оваа значајна поема во пловдивскиот весник „Марица“ во 1882 година[2]. Во 1894 година во својот „Македонско-славјански зборник“ оваа песна ја вклучил и видниот руски славист од бесарапско бугарско потекло Петар Драганов[2].
Автор | Ѓорѓија Пулевски |
---|---|
Земја | Бугарија |
Јазик | македонски - мијачки говор со архаизми |
Жанр | поема |
Издадена | прво издание: 1878 година во Софија. второ издание: 1882. трето издание: 1894 |
Делови од текстот на Самовила Македонска
уредиПоемата е напишана на свесно архаизиран јазик, со стрикни своевидни укажувања како каде да се пее и започнува со стиховите:
- Сверх планиње македонски ежедневна темнина,
- Дал' покрила темна могла ил' темен облак?
- Дал' естество ноќ створило - темно да биде
- в Кралевину Македонску од времја оно до века,
- та в темнина току се слушат страшен викот, пљускотит?
- Оно не је темна могла, нито тотон, а ни топови,
- току је тожба самовилска сверх сви планиње[2].
Ѓорѓија Пулевски го дава плачот на Самовилата Македонска што ги повикува сите сестри од македонските планини за да ја чујат несреќата на Македонија, зашто:
- Берлински конгрес што написа - условија не исполни,
- та полошо ни направи в Македонија.
- Македонски мајки пиштата, а Јевропу милно мољат:
- „О Јевропо христијанска, дал' не слушаш наши плач?
- О Јевропо, мила мајко, што ни остави под турска власт?[2]“
- Чујте, жители македонски! Назе ништо не ни чекат:
- од азијатци - насилије, а в туѓина - укорство.
- Туѓа страна је непријатна, а в туѓина ве напорки гледат
- И несносни прешебови свијем ни вељат.
Во поемата Пулевски исто така сожалува за неисполнетото обединување на Македонија со Кнежевство Бугарија:
- На илјада осумстотини седумдесет и осмото лето;
- Тога Руси повладае све Отоманство,
- И полостров одсвоже, та Цариград обколие,
- Во свети Стефан се сместие и се сложие.
- Турчин даде свит слобода, а потврди свободител.
- На Кнежевство сви Бугари, да си владает.
- Македонци Бога молие, поживи ни избавител.
- Дај му Боже многу летно дејствие.
- Оту нас ни ослободи, во Кралевину македонску.
- Да се соединим со еднородних заедно.
- А Енглиска учини пречка, крена глава најави борба.
- Та никому не препјатсвува, токмо само нам.
- Через назе да ни разделит, од нашии браќа Бугари."
Потоа доаѓа главниот родољубив македонски набој, повикувајќи ги Македонците на своето славно минато на своите цареви Александар Македонски и Филип Македонски и своето царство на античките Македонци да се кренат во борба за слобода:
- Дал' сте чуле, Македонци, стари људи оту говорат:
- От Македонци појунаци над них не било-
- Цар Александар Македонски тристо лета пред Христа
- Со Македонци сву вселену повладал
- Наш краљ Филип - Славјанин је, Цар Александар - Славјанин
- Наши баби Славјанки ги родиле.
- Македонци, сетите се за јунакство македонско ,
- та спроти старих вије сега да следувате [1][3]
- Не је страмота своје искати, ни за жал за своје умрет.
Поемата завршува со следните стихови:
- Турски зулум ни презели над наша чест македонска,
- Јал' браните си ил' сви до един да изгинеме!
- Род браните од Аграјанци! Сви за ден живот да сложим!
- Зато, јунаци македонски, пробудите се!
- Похарно је да изгинеме в наша мила татковина,
- отколи оваке да гледаме свјако злосторство[2].
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Ристовски, Блаже (1995). Македонија и македонската нација. Детска радост. стр. 133.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Ристовски, Блаже (1996). Ѓорѓија М. Пулевски - меѓник во нашата култруно-национална историја. Македонска академија на науките и уметностите. стр. 16–17.
- ↑ Кај него преземено од: Гь.М.П.Самовила Македонска, Печатница на Б.Прошекъ въ София- Государственная публичная библиотека им. Салтикова-Щедрина, С.29 8. 103.
Надворешни врски
уреди- „Самовила македонска“ на Викиизвор.