Рајчани

село во Општина Кочани

Рајчани — село во Општина Кочани, во околината на градот Кочани.

Рајчани

Воздушен поглед на селото Рајчани

Рајчани во рамките на Македонија
Рајчани
Местоположба на Рајчани во Македонија
Рајчани на карта

Карта

Координати 41°57′12″N 22°16′15″E / 41.95333° СГШ; 22.27083° ИГД / 41.95333; 22.27083
Регион  Источен
Општина  Кочани
Население 9 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2300
Повик. бр. 033
Шифра на КО 13036
Надм. вис. 718 м
Рајчани на општинската карта

Атарот на Рајчани во рамките на општината
Рајчани на Ризницата

Потекло на името

уреди

Името на селото се сретнува во овој облик уште во XV век, а неговото значење се поврзува со ојконимот Рајец, што означува богато плодно место или место каде безгрижно и среќно се живее како рај. Како второ значење се поврзува со топонимот Раица што доаѓа од личните имиња Рапо или Раја.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Воздушен поглед на дел од селото со поглед на патот кој продолжува кон Пробиштип

Селото се наоѓа во западниот дел на Општина Кочани, сместено на локален пат кој води преку селото Бели, чиј атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Пробиштип.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 700 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 23 километри.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој во поново време е целосно асфалтиран и ги поврзува градовите Кочани и Пробиштип.

Селото се наоѓа во северозападниот дел на Кочанската Котлина, на границата со долниот слив на Злетовска Река. Околни села се Пантелеј, Рудари и Бунеш (во сливот на Злетовска Река). Во средишниот дел на селото, во еден дол, се наоѓаат две чешми, додека во дворовите на куќите има неколку бунари. Така, во минатото, селото се снабдувало со вода за пиење.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Божурњак, Рајчански Рид, Селиште, Грамади, Плоча, Попова Глава, Циганско Гробље, Кисел Дол, Пештери, Вучарник, Вучи Рид, Кратовски Пат и Штипски Пат.[4]

Селото има збиен тип. Групите на куќи се наречени по родовите, па така има Антовци, Николовци и други.[4]

Историја

уреди
 
Поглед на меморијалниот парк „Свиланово“ во близина на селото

Некогаш постоело старо село, што може да се потврди и по старините на месностите Селиште, Грамади и Плочи. Тие се наоѓаат во непосредна близина на Рајчани, а таму мештаните ископувале остатоци од некогашни куќни ѕидови. На месноста Грамади биле ископувани и големи земјени ќупови и се наоѓало оброчиште. Старото село пропаднало од зулуми.[4]

Денешното се го основале доселени македонски родови кон крајот на XVIII или почетокот на XIX век. Околу 1880 година, Рајчани имало 9 македонски куќи. Сите жители биле чифлигари на земјата на Асан-бег од Кратово. Четвртина од земјата подоцна ја купиле Власите Ѓорѓе и Штерјо од потпланинското село Соколарци. Останатите земја наследниците на беговите ја држеле до 1927 година, кога ја купиле селаните. Во 1928 година, селаните ја купиле и останатата земја од Власите.[4]

Рајчани се наоѓа на патот помеѓу пониските села Бања во Кочанската Котлина и Рудари во сливот на Злетовска Река, кои до 1912 година биле турски села. Турците од овие села често се посетувале едни со други, поради што Рајчани често се наоѓало на удар на нивните зулуми.[4]

Во близина на селото Рајчани, во месноста Свиланово, на 27 април 1905 година загинал Никола Карев, македонски деец, борец во националноослободителното движење на македонскиот народ, социјалист, претседател на Крушевска Република.[5] На местото се наоѓа споменик.[4]

И по Првата светска војна, животот не бил лесен во Рајчани, бидејќи во селото повремено навраќале комити од Бугарија, поради што тогашната жандермерија на Кралството Југославија го запалила селото во 1924 година. Цела година мештаните живееле во околните села, а потоа се вратиле и го обновиле селото.[4]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 8 километри квадратни. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 325 хектари, на пасиштата отпаѓаат 270 хектари, додека на шумите 188 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948331—    
1953382+15.4%
1961350−8.4%
1971272−22.3%
1981134−50.7%
ГодинаНас.±%
199167−50.0%
199454−19.4%
200233−38.9%
20219−72.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Рајчани живееле 91 жител, сите Македонци.[6]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пантелеј имало 160 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[8]

Од Рајчани се отселил дел од населението и тоа преминало од средно во мало село по големина, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото броело 350 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 54 жители.[3]

Според пописот од 2002 година, селото имало 33 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 9 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 91 160 331 382 350 272 134 67 54 33 9
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Рајчани е македонско православно село.[4]

Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:

  • Родови доселени во отоманскиот период: Антовци (11 к.), Наковци (7 к.), Максимовци (7 к.), Николовци (9 к.) и Алексовци (3 к.), доселени родови, но не знаат од каде се доселени. Предците на споменатите родови се доселени кон крајот на XVIII или почетокот на XIX век. Првите три рода потекнуваат од исто место;
  • Доселеници во поново време: Нежиловци (3 к.) и Каврачанци (2 к.), доселени се во 1927 година, првите од селото Нежилово, а вторите од Каврак, Кратовско.

Иселеништво

уреди

Било често иселување на македонското население од ова село. До 1912 година околу 15 семејства се иселиле во Кочани, Штип и на некои други места. По 1912 година, во селото Чешиново се иселиле Рајчани. Алексови се иселиле во селото Бања. Толошманци, Пелештечки и Ламбовци се иселиле во селото Спанчево. Тие и во Рајчани биле доселени од селото Талашманце кај Кратово. Уште еден род Рајчани се иселил во Спанчево. После Втората светска војна седум семејства се иселиле надвор од Кочанско: во селото Ќоселари на Овче Поле (Јашковци, Кипријанови и Ампови) и во селото Горно Оризари кај Велес.[4]

Иселувањето продолжило и во поново време.

Општествени установи

уреди
 
Поранешното основно училиште во селото
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

На крајот од XIX век, Рајчани било село во Кратовската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кочани, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кочани.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кочани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Нивичани, во која покрај селото Рајчани се наоѓале селата Бели, Лешки, Нивичани и Пантелеј. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Турско Рудари, во која влегувале селата Бунеш, Рајчани, Турско Рудари и Трипатанци.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0873 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 12 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Грамади — градиште од доцноантичкото време
Цркви[18]
Споменици
Вулкански наобразби
  • Рајчанска Купа — една од најдобро изразените вулкански структури во Кратовско-злетовската област

Редовни настани

уреди

Традиционално, секоја година на 27 април планинари, ученици, здруженија на граѓани и претставници на локалната власт го посетуваат местото на загинувањето на Никола Карев, каде се одржува историски час.

Личности

уреди
Починати во Рајчани

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 133.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 252. Посетено на 16 ноември 2024.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 53-54. OCLC 16745284.
  5. „Никола Карев“. Архивирано од изворникот на 2011-06-11. Посетено на 2009-11-28.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 ноември 2024.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 16 ноември 2024.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 180-181. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди