Македонско знаме (1932 - 1934)
Македонско знаме — македонски прогресивен весник издаден од истакнатиот социјалистички политичар и активист Александар Мартулков. Весникот претежно се борел за интересите на Македонците во Бугарија и бил издаден од народната студенска група „Гоце Делчев“. Весникот е познат во македонската историографија заради нејзините силни промакедонски ставови во тој период. Весникот е основан поради повеќе причини, но главната е киднапирањето на Симеон Кавракиров на 8 јуни 1932 година. Мартулков бил близок пријател на Кавракиров, па неговото киднапирање предизвикало протест кај Мартулков и неговата група. Неколку дена откако Кавракиров бил киднапиран повеќето водечки членови на ВМРО (Обединета) организираа протести пред бугарскиот парламент во Софија.
Првиот број на весникот | |
Формат | Неделен |
---|---|
Сопственик | Алексо Мартулков |
Издавач | Македонска студенска група „Гоце Делчев“ |
Уредник | Васил Ивановски, Васил Хаџи Кимов, Коста Веселинов и Михаил Сматракалев |
Основан | 14 јуни, 1932 |
Политичка определба | Социјализам Промакедонизам |
Јазик | македонски[1] и бугарски јазик |
Престанал | 1 јули, 1934 |
Седиште | Улица „Јосиф“ В. Гурко, број 32 Софија, Царство Бугарија |
Тираж | 5000 - 6000[2] |
Поврзани весници | Македонско дело |
Киднапирањето на Симеон Кавракиров било организирано од членови на ВМРО (Автономисти) под наредба од тогашниот водач Иван Михајлов, како резултат од тоа весникот во поголемиот дел од своето постоење ги критикувале незаконските постапки на Иван Михајлов и неговата група, а главните организатори на критиките во весникот биле Мартулков и Христо Трајков. Поради негативна критика на Мартулков кон Михајлов, во 1933 година дошло до неуспешен обид на атентат организиран од Михајлов во кој тешко го повредил Мартулков и го убил Христо Трајков. После атентатот критиките на Михајлов се зголемиле и Мартулков станал познат во македонски и бугарски медиуми поради неговата храброст. Весникот исто така станал познат.
Во втората половина на 1933 година и првите месеци од 1934 година се појавила голема поделба меѓу уредниците во весникот, од една страна Васил Хаџи Кимов пишувал статии во кои го поддржува обединувањето на Македонија кон Бугарија и го сметаше македонскиот народ како бугарски. Тој исто така ја пропагирал Санстефанската Бугарија и го одбил резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање. Од друга страна, Васил Ивановски пишувал статии каде ја промовирал идеата дека Македонците се свој посебен народ со свој јазик и имале право на самоопределување. За време на оваа поделба, Мартулков застана на страната на Васил Ивановски, заради тоа во 1934 година Хаџи Кимов бил отстранет како уредувач.
Основање
уредиПо одвлекувањето на Кавракирова, ние не се уплашивме. Напротив, почнавме една порешителна и поефикасна борба против неоврховистите. Беше поставено јас да го издавам и редактирам весникот. Решивме весникот да се вика „Македонско знаме“, орган на прогресивната македонска организација. Преку весникот поведовме борба против михајловистичката гангстерска банда
— Алексо Мартулков, Спомени, [3]
Во 8 јуни 1932 година, Симеон Кавракиров, водечки член на ВМРО (Обединета) му ја дадол наредбата на Владимир Поп Томов да отпатува во Советскиот Сојуз на преговори со Комитерната. Откако Томов замина, а Симеон ја заврши својата должност за денот кога реши пешки да се врати дома, додека поминувајќи ја улицата „Генерал Паренсов“ таму меѓу темнината запрало возило, од нејзе излегле двајца мажи и жени облечени во црно, под наредба на Иван Михајлов тие го киднапираа Кавракиров.[4] Според некои сведоци тоа било околу полноќ помеѓу 8-ми и 9-ти јуни. Според нив имало околу 5-6 луѓе кои го киднапирале Кавракиров. После киднапирањето еден маж и жена го забележале автомобилот како заминува и го молеле сопственикот на блиската продавница „Нов Измир“ да го користат нивниот телефонот за да можат да го пријават кон полиција, а според нив автомобилот бил со број 1122 или 1244.[5]
Киднапирањето предизвикало големо политичко неодобрување на тогашната бугарската влада од страна на големата македонска емиграција. Во повеќе писма испратени од благотворителни братсва се молело да престане насилството од ВМРО (Автономисти) предводена од Иван Михајлов и да се ликвидира неговата терористичка група. Не само тоа, протести стигнаа и од странски земји, огромни македонски емигрантски заедници во Австралија, САД и Канада испратија писма со негативни критики кон владата.[6] И тогашните членови на ВМОРО (Обединети) беа крајно разочарани од лошото справување со киднапирањето од страна на бугарската влада, тие го обвинија огромното влијание штo михајловистите го имале врз бугарската политика. Тие ги обвинија и за саботирање на изборите за прогресивни македонски кандидати во бугарскиот парламент, нешто што социјалистот Алексо Мартулков потврди во своите спомени „Моето учество во револуционерните борби на Македонија“.[7]
На 27 јули 1932 година Мартулков заедно со други значајни членови на ВМРО (Обединета) организирале протести пред главната зграда на бугарскиот министер за внатрешни работи со надеж дека Михајлов ќе биде казнет.[8] Но, немало некаков добиток од протестите. Поради тоа македонската емиграција решила да создаде весник како вид на протест против бугарската влада. Како резултат на тоа Алексо Мартулков го создал весникот „Македонско знаме“. Во првиот број на весникот било изложена програмата на весникот и нејзините политичките, освен тоа што било претежно составено со писма поплаки од повеќе надворешни и внатрешни организации во врска со неактивноста на бугарската влада и случајот со Симеон Кавракиров. Името на весникот „Македонско знаме“ потекнува од бугарскиот весник „Знаме“ кој бил во сопственост на Демократската партија на Бугарија, во тој период Мартулков бил член на партијата како претставник на македонското малцинство, поради тоа при создавањето на својот весник го нарекол „Македонски знаме“.
Дејствување
уредиПатот на единството на македонското движење е невозможно без една борба против врховизмот, како спроводник на стремежите на бугарската буржоазија во македонското движење
— Македонско Знаме, број 2, [9]
Весникот доживеал голем успех популарност меѓу прогресивната македонска емиграција во Бугарија и до одреден степен со пошироката бугарска јавност, весникот станал популарен поради тоа што главните уредувачи ги документира сите ужасни злосторства што Иван Михајлов ги вршел заедно со неговата група против Македонците во Бугарија. Поради нивните агресивни статии кон Михајлов, Мартулков заедно со другите уредници добиле редовни закани од членовите на ВМРО (Автономистичка). Според македонскиот публицист Боро Мокров, весникот бил прилично интересен поради нејзините уникатни ставови во споредба со другите весници во тоа време. Весникот имало јасна промакедонска програма со социјалистички ставови и главно застана на страната на ВМРО (Обединета), во нејзе биле објавени различни апели за правата на македонската емиграција и апели против Иван Михајлов.[10]
Покрај нивните промакедонски и социјалистички ставови тие исто така пишувале повеќе негативни статии за неоврховизамот и нејзините следбеници. Весникот исто така имал успех меѓу македонските социјалистички групи не само во Вардарска Македонија туку и во Егејска Македонија, весникот дури произведел и неколку статии за истакнатиот македонски поет Кочо Рацин, а според македонскиот историчар Блаже Ристовски Рацин бил свесен за овие статии.[11] Друг значаен автор во весникот е револуционерот Васил Ивановски, кој напиша повеќе статии за иднината на Пиринска Македонија. Според Мартулков, весникот бил прилично популарен во Бугарија и често бил целосно распродаден.[12]
Весникот уште во првата година од објавувањето се судрила со многу проблеми со тогашната бугарска власт. Во тој период бугарскиот парламент одобрил нов закон со името „Закон за заштита на државата“, тој закон исто така бил користен за депортацијата на Македонските Евреи. Според Алексо Мартулков во неговите мемоари нивниот весник го прекршил седмиот член на законот кој вели „Тој што усно, писмено или преку печатени, уметнички или други дела поттикнува непријателство, омраза или криминал против одделни класи или слоеви на населението или воспоставените власти и со тоа може да го загрози јавниот ред и ред и мир во земјата, ќе се казни со строга затвор од 3 до 8 години и парична казна од 50.000 до 300.000 лева“.[13]
Поради тоа тие редовно морале да го менуваат седиштето на весникот и редовно да го менуваат издавачот, прв издавач им беше печатницата на инженер Г. Добринов, а потоа од вториот до третиот број бил издаден во печатницата со името „Браќа Миладиновци“, од четврти до дванаесети број бил издаден во печатницата „В. Иванов“, од петти до шести број се издавал во печатницата „Графика“. Од седмиот до тринаесетиот број бил издаден во печатницата „Типограф“, од десеттиот до единаесетиот бил издаден во печатницата „Просвештение“. За седумнаесетиот број весникот бил издаден само во печатницата „Нова литература“, додека осумнаесеттиот бил издаден само во печатницата „Викторија“ и од деветнаесеттиот до последниот бил издаден од печатницата „Независимост“, кој бил сместен во улицата „Јосиф В. Гурко“, број 32 во стариот дел на градот Софија.[14]
Проширување на весникот
уредиКако што реков, сите броеви на нашиот весник беа инкриминирани. Но михајловистите не се задоволија со тоа. Тие ме осудија на смрт. На 12 јануари 1933 година во Софија тие направија обид да ме убијат, но само ме ранија.
— Алексо Мартулков, Спомени, [3]
Весникот доживеал голем успех и се проширил меѓу публиката поради нејзиниот храб став кон тиранијата на Иван Михајлов и неговата група. Но, тоа предизвикало спорови и полемики со македонскиот весник „Македонија“ кој бил во сопственост на значајни членови во ВМРО (Автономисти). Покрај тоа што весникот е забранет, михајловистите не биле задоволни од тоа што весникот ги разоткривал нивните злосторства и ја критикувале нивната група, поради тоа на 12 јануари 1933 година се обиделе да го убијат сопственикот на весникот Алексо Мартулков, но успеале само да го ранат. На 24 јануари истата година решиле да го убијат уште еден познат уредник на весникот, Христо Трајков, овој пат успеале и тој бил ликвидиран.
Алексо Мартулков во своите мемоари истакнал дека и покрај тоа што се обиделе да го убијат, тој не престанал да го издава и уредува весникот. Обидот за атентат, исто така, не го убеди Мартулков да си ја намали критиката кон Иван Михајлов и всушност му го подигна моралот да ја продолжи битката против македонските терорист, тој испрати апел до бугарскиот парламент во обид да го уапси, но немал успех. Обидот за атентат врз Мартулков и убиството на Трајков исто така станале познати меѓу медиумите во странски земји, заради тоа бугарската влада редовно добивала апели од меѓународни фигури кои побарале да се спречи Михајлов, според Мартулков, дури Томас Ман, Ромен Ролан и Алберт Ајнштајн испратиле апел.[15]
На 19 мај 1934 година во Царството Бугарија се одвивало државен удар кој ја замени тогашната бугарска влада, за време на државниот удар новата влада конечно успеале да ја ликвидираат силата и групата на Иван Михајлов, главните членови во групата биле уапсани и казнети. Поради тоа весникот си го изгубил една од главните причини за своето постоење, весникот исто така бил направен со надежот дека ќе го ослободиле Кавракиров од неговото киднапирање, но кога Михајлов и неговата група биле забранети, било веќе откриено дека Кавракиров бил убиен пред долго време. Поради тоа, весникот почнал повеќе да се ориентира кон македонската емиграција во Бугарија, со тоа весникот почна повеќе да се фокусира на концептот за независна Македонија и обединувањето на Пиринска Македонија со Вардарска Македонија.[16]
Судир на интереси меѓу Васил Хаџи Кимов и Васил Ивановски
уредиВо 1932 година кога весникот почнал да излегува Васил Хаџи-Кимов бил редовен уредник, па дури и самиот напишал неколку статии во весникот, по извесно време тој и Васил Ивановски немале никаков проблем и редовно соработувале за теми во врска со издавањето и уредувањето на весникот. Но, во 1934 година Комитерната го призна постоењето на уникатен македонски јазик и народ, поради тоа никнало голема поделба меѓу двајцата уредувачи. Хаџи Кимов бил убеден дека македонскиот народ не постоило и дека терминот „Македонец“ е регионален термин за луѓето од Македонија, а Ивановски бил убеден дека Македонците постоеле и дека имало големо малцинство на Македонци во Бугарија.
Поради нивниот спор, Алексо Мартулков остро реагирал и го отстранил Хаџи Кимов како уредник од весникот поради тоа што ставовите на Хаџи Кимов се спротивставени со главната програма на весникот: создавање слободна македонска нација. Поради тоа Васил Хаџи Кимов заедно со Ж. Мирчев го формирале новиот весник со името „Македонска борба“[17] во кој биле објавени повеќе статии каде што ги критикувале Алексо Мартулков и Ивановски, Хаџи Кимов ги критикувал нивните ставови за македонската независност и во неговиот весник ги нарекол „политички идиотизам“ и „Македонска нација, како идеа, возникна во мозоците на болните тесници“.[18][19] Тие го негираа и постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Поради оваа критика на 15 април 1934 година,[20] Васил Ивановски ја објави статијата со наслов „Национално-колонијално угнетување во Петричко“ каде што наведува:
Поради сличноста на македонскиот јазик во Македонија, што е под бугарска власт, не се чувствува толку болно асимилаторството како што тоа се чувствува во Македонија под грчка и српска власт. Тоа, меѓутоа, не значи дека во петричкиот крај сосем нема асимилаторство. Напротив, овде со него се отиде толку далеку што дури во сознанието на многу Македонци беше залегнало убедувањето дека Македонците се Бугари и според тоа за петричкиот крај[21] не може да се говори за асимилаторство и воопшто за национален гнет. Најголемата, штета што на македонскиот народ и на неговата ослободителна кауза му јa нанесоа старите врховисти, се состои во тоа што тие активно јa спроведуваа политиката на бугарскиот врховизам за асимилирање на Македонците преку големобугарските училишта, цркви весници и клубови во Македонија уште под турска власт, како и преку навлегувањето во неа на врховистички чети за бугаризирање на македонското население. Таа стара политика, која и денес продолжува, имаше и има за цел да ги натера македонските словени да се чувствуваат Бугари, а не словенска македонска нација и да им го даде моралното право на бугарските империјалисти да ја окупираат цела Македонија, против организирањето на македонскиот народ во Македонска народна република. И денес во Петричко младината е принудена да се учи на бугарски, а не на македонски јазик, на големобугарска училишна програма наместо nа македонска со историјата и економиката, со борбите и стремежите на македонскиот работен народ за национално-политмчко ослободување.
Поради бугарската асимилаторска политика, што многу ревносно се спроведува насекаде во Македонија, македонските словени cѐ уште не го доразвиле својот јазик до еден обработен литературен македонски јазик и се принудеки да се служат во литературата и печатот со најблискиот до македонскиот јазик — со јазикот на Бугарите.
Како одговор на статијата на Васил Ивановски, Васил Хаџи Кимов во својот весник „Македонска борба“ ја напишал следната изјава:
Македонска нација не постои, како што не постои национално угнетување во Петричкиот округ. Постои само еден македонски народ како политичка целина, составен од националните групи Бугари, Турци, Ароманци, Грци и Срби
Прекинување
уредиВо мај 1934 година, тогашната бугарска влада била отстранета од новата сила предводена од политичката организација „Звено“ за време на државниот удар. Оваа нова влада имала порадикален и негативен став кон македонската емиграција во Бугарија и македонското прашање, како резултат од тоа повеќе весници и организации кои го промовирале македонскиот идентитет биле забранети или насилно распуштени. На 29 јуни истата година новата влада го забрани издавањето на весникот „Македонско знаме“, а подоцна законот го објавиле во службениот весник на Царството Бугарија.[24] Мартулков не претрпил некаква казна од забраната и поради тоа тој продолжил со неговото револуционерно движење, поради тоа во 1936 година Мартулков, заедно со другите значајни членови во ВМРО (Обединета), биле осудени од бугарската влада и затворени.
Неколку статии од весникот
уреди„Отворен врховистичко-фашистички курс на XII Братски конгрес“
уредиВаквиот курс на Конгресот е во врска со создадената меѓународна ситуација, во која бугарскиот империјализам повторно по воената катастрофа од 1918 год., отворено ги најавува своите претензии за раширување на границите на Бугарија и се спрема за воен реванш под лозунгот „ревизија на мировните договори“. И бидејќи врховистите (како една од двете разновидности на бугарско-македонскиот врховизам) се верни агенти на бугарскиот империјализам, тие требаше на Конгресот да ја пројават оваа прикриена анексионистичка политика, толку повеќе што и самите се заинтересирани за нејзината реализација, јавувајќи се како eдни од претставителите на македонската буржоазија, чиишто интереси се преплетуваат со оние на бугарската буржоазија.
Конгресот застана на позицијата за „ревизија и исправање на неправдата“, направена со „мировните“ договори. Од воинствениот дух на Конгресот, од рефератите, искажувањата и поздравите, како и од конгресните резолуции се гледа јасно дека ревизијата на договорите се бара и по цена на војна. Изјавата на претседавачот на Конгресот: „ние ќе отпочнеме вооружена борба“, како онаа од 1915-1918 г., изјавата на В. Василев: „во наши раце лежи мирот на Балканот“ и „некој мал конфликт на Балканот сигурно ќе ја повлече цела Европа“, акламациите на воинствените поздрави на претставниците од здруженијата на резервните офицери и подофицери и одговорот на Станишев: „нашите надежи сепак се во вас, во офицерскиот сталеж“, сето тоа ја потврдува нашата констатација.
При ова Конгресот дава оправдание на воениот реванш на бугарскиот империјализам, при што вината за прететојната војна ја фрла врз „оние што се спротивставуваат про тглв ревизијата“. Повеќе пати е проверена старата пракса вината за војната да се фрли врз другите држави, залажувајќи ги со тоа сопствените маси.
На Конгресот јарко беше изразена целта на „раководителите“ (што се плаќаат од државна каса) за присоединување на Македонија кон Бугарија, како и воопшто за реализација на Сан-етефанска Бугарија. Веќе не се зборува за поробен македонски народ, туку за „поробен дел на бугарскиот народ“, зашто „бугарскиот народ не може да жртвува дел од своето живо тело“, и дека „Бугарија не може да се помири со постоечката територијална поделба на Балканот“ – сè се тоа крилатици и врховистички фрази.
Ако михајловистите сепак продолжат да го издигаат лозунгот „Независна Македонија“, тоа се должи на следниве опстојателства; прво тие демагошки се служат со горниот лозунг за да ги задржат македонските маси под свое влијание и да ги натераат да војуваат на страна на Бугарија, божем за независна Македонија, а всушност за нејзина окупација. Второ, бугарскиот империјализам сè уште нема добиено согласност и се нема договорено со една од големите империјалистички држави за присоединувањето на Македонија кон Бугарија, поради што (во врска со Македонија), неговата политика сега за сега е за создавање на таква ,;независна“ држава, каква што претставува Манџурија за јапонскиот империјализам. Таква беше смислата на причините за актуелизирањето на лозунгот за независна Македонија, што ги истакна В. Василев пред Конгресот.
Конгресот иако застана на италијанската ориентација, сепак си остави отворено прозорче и за француската ориентација. Така, на Конгресот редум со острите напади против „српско-бугарското зближување“, се истакна дека тие – михајловистите би го прифатиле „со симпатии, ако тоа се заснива на слободната пројава на двете националности во нивните граѓански, политички и народносни права, и ако тоа го открива патот кон едно справедливо и полно остварување на народните идеали“.
Имено овде е и реформизмот на псевдо-револуционерите, макар што и самите не веруваат во тоа, а тука е минимализмот на запалените максималисти. Тоа се должи на распаќето на кое се наоѓа бугарската официјална надворешна политика. Тука е и отвореното прозорче преку кое ќе треба да поминат и михајловистите на страната на француската ориентација во случај Бугарија да се задржи на последната и да се поврзе со Франција и со Малиот Сојуз (Малкото Соглашение)?
Конгресот уште еднаш потврди дека михајловистите се заколнати непријатели на Советскиот Сојуз и на опптиот борбен фронт во Бугарија. Излагањето на еден од делегатите за прекинување со Запад, којшто не зароби и за обраќањето кон изгревот на слободата – Русија, беше пречекано со голем револт и беше прекинато од претседателот на Конгресот. Писмото од Централниот акционен комитет на македонското прогресивно движење не само што не беше прочитано од претседателот, но последниот ја истури својата жолчносг врз адресата на нашето движење и она на бугарските работници и селани.
Конгресот не ја критикуваше, туку ја санкционираше улогата на Михајловата група како стражар и чувар на господството на бугарскиот империјализам над колонијално поробеното Петричко и над работниците во Бугарија и како џелат над народот во Петричко и во целата земја. Конгресот не се интересираше со економската положба на бегалците, не презеде ништо за подобрување на нивната тешка положба, не им беше дозволено на делегатите да се искажат по ова прашање, дури обратно, за несреќното Петричко беа изнесени само пофалби. Па и не можеше да биде поинаку зашто михајловистите се исполнители на експлоататорската политика на бугарската фашистичка диктатура, и содејствуваат со колонијалната експлоатација на бугарскиот финансиски капитал над Петричко и се соучесници во експлоатацијата над петричкото население и бегалците во Бугарија (пр. со црните даноци и сл.).
Задача на македонското прогресивно движење е пред македонските маси да ја разобличи оваа врховистичко-фашистичка улога на михајловистите, која што се демонстрираше и на XII Братски конгрес и да ја ослободи од влијанието на последните и оваа неголема македонска маса, која плто сè уште се влече по нив; да не допушти македонските маси да бидат вовлечени во новата империјалистичка и антисоветска војна и да ја организира масовната македонска борба во сојуз со сите национално и социјално угнетени во Бугарија и на Бугарите против експлоатацијата и угнетувањето на империјалистите, против „роднинските“ изедници, за право на самоопределување на Македонија до правато на отцепување во самостојна државно политичка единица.
Долу врховистичко-фашистичкиот лик на Националниот комитет – агентот на бугарскиот империјализам! Долу империјалистичкото угнетување и подготвувањето на нова империјалистичка војна!
„Лозунгот за самоопределување на Македонија“
уредиВо минатото Македонија беше поробена од една држава – од Турската империја. Сега пак, таа е разделена меѓу три балкански држави. Таа околност ја усложнува борбата на македонскиот народ. Националното ослободување на Македонија може да се извојува одеднаш за трите нејзини делови преку општата и истовремена борба во цела Македонија. Меѓутоа, за ова е потребно неопходно присуство на истовремено назреани услови за општа борба не само во трите македонските области, туку уште во Југославија, Бугарија и Грција. Или најмалу, во споменативе држави борбениот елемент меѓу другите поробени области и социјално онеправданите треба до таква степен да биде подигнат, за да можат да попречат на империјалистичкото мешање против ослободителната борба на македонскиот народ.
Таквиот развој на насганите за ослободувањето на Македонија најмногу би одговарала. Но на тоа ние не можеме да сметаме од проста причина дека нерамномерниот развој и опаѓање на империјализмот создава нерамномерен борбен подем: во една земја тој е посилен, а во друга послаб; во една земја ослободителното движење е поактивно, а во друга послабо. Да се тргне по линијата на заедничко исчекување во трите дела на Македонија и трите балкански држави (Грција, Југославија и Бугарија) за истовремено почнување на борбата непосредна за ослободување не чини, бидејќи додека едната земја ќе ја дочека другата, во првата ќе поминат благопријатните услови. Потоа ќе се јави потреба друга или други земји да ја чекаат нејзе, додека и таму не изгинат благопријатните услови. Јасно е дека треба да се оди не по патот на задржување на земјата што тргнала напред, туку по патот на засилување на борбата во земјите што се заостанати, барем до таква степен што ќе може да ја попречи борбата и мешањето против земјата во која се води ослободителна борба. По извојуваната победа, македонската национална област се трансформира во автономна државичка во рамките на општата заедница – држава, во која се почнала борбата. Така таа ќе го стави темелниот камен за ослободување и обединување на цела Македонија. Тоа се однесува како за Македонија под српека, под грчка, така и за Македонија под бугарска власт. Која прва ќе започне, ќе зависи од тоа дали во Југославија, Грција или Бугарија ќе созреат побргу неопходните услови. Само по тој пат ќе стигнеме до ослободувањето на трите македонски области во една целокупна Македонска Народна Република.
Затоа е неопходно населението од секој поробен дел на Македонија уште сега да бара од власта во соодветната земја право на самоопределување дури до отцепување во самостојна држава и да води борба за извојување на тоа право додека се создадат услови за негово реализирање и населението се организира во своја држава, којашто ќе послужи како база во борбата за целосна македонска држава.
Поставувајќи го така конкретно прашањето за националното ослободување на Македонија, прогресивното македонско движење ги става македонските врховисти на испит пред овие маси, коишто сè уште им веруваат дека стварно се борат за независна Македонија. Македонското население во Петричко ќе бара да му се даде право на самоопределување, право да се организира во своја држава и да реши дали ќе остане потоа во Бугарија на принципот на автономија или да се оддели во независна република. Но за да може слобободно да се самоопредели и да ги изрази своите желби, ќе мора претходно да се извлечат војската и полицијата од овој македонски крај. Така Петричко ќе се прчетвори во центар на ослободителната борба на целокупна Македонија и ќе биде почеток и база на целосната македонска држава.
Прогресивното македонско движење смета дека Македонија под бугарска власт може и треба да почне прва, штом за тоа ќе се создадат неопходните услови понапред овде. Победа и задржување на победата е наполно возможна, доволно е да го усогласиме времето на нашата борба за национално ослободување со времето на борбата на работниците и селаните ио Бугарија за работничко-селанска власт и да ја имаме нивната поткрепа, како и непосредната поткрепа на сите национално и социјално онеправдани од другите балкански земји, од општото борбено движење во светот, во односниов број и од нашиот силен сојузник во борбата против империјализмот – Советскиот Сојуз. Бидејќи ние фактички се стремиме кон национално ослободување на Македонија, бараме заедничка борба со работничкото движење и негова поткрепа. Бидејќи врховистите не се искрени и не стремат кон ослободување на Македонија, туку го планираат анексирањето на Македонија од империјалистичка Бугарија преку една нова војна, поради тоа тие се изјаснуваат против сојузот со работниците и селаните.
Македонското прогресивно движење се бори освен за државно-политичко ослободување на Македонија, уште и за ослободување на Македонија од колонијално-економското угнетување, што го вршат врз него познатите завојувачи, како и од експлоатацијата на македонските чорбаџии – изедници.
Едното го предлага другото: за да се премине туѓото економско ограбување, во чија реализација учествува и крупната македонска буржоазија, којашто економеки е срасната со поробувачите, треба да се премавне туѓото политичко господство. Но уште пред да се случи тоа, треба да се заштитат непосредните интереси на македонските маси, околу кои ќе треба да се разгорува и шири нивната борба за економски придобивки, како претпосгавка и елемент од општата ослободителна борба.
— [27]
„На работа за македонска национално-ослободителна уметничка литература“
уредиСо жал треба да се одбележи фактот дека до сега не е зборувано за македонска национално-ослободителна уметничка литература. Причините за тоа се од различна природа. Пред сè, изгледа, дека се потценувана организаторската и активизаторска улога на уметноста во херајската борба на македонскиот народ за слобода, што тој ја водеше, сега ја води и ќе ја води до нејзиното извојување. Зборувајќи за причините на споменатиов факт, не треба да се заборави дека изданијата на македонското прогресивно движење се многу оскудни и често попречувани од материјална немоќ и од постоењето на цензурата. Тоа нередовно излегување на прогресивниот печат не дозволуваше да се отпочне со работа и во секторот на уметничката литература. Така беше до сега. Но дали треба да продолжи и понатаму?
Ако ги исклучиме извадоците и изолирани обиди со сижети од вистинското македонеко национално-ослободително движење, ништо друго не е сторено. Но ако отвориме било кој број, особено оние од минатото, од врховистичкиот весник – партал „Македонија“, или ако ги отвориме страниците на неговите помлади браќа. „Родина“ и „Вардар“ ќе забележиме како под различни блуткави раскази, стихови и др. се наместени имињата на злосторници писатели и поети. Со лигава сентименталност за нашата поробена татковина, се зборува за „херојствата“ на овој или оној четник, а за нивните колежи и убиства на верни дејци на македонската кауза „уметничката вистина“ молчи… 3а очајната положба на македонските емигрантски маси и на „слободното“ население во Петричко господата поети немаат (молчат-б.м.).
Се печатат романи во кои во никој случај не е одразена полнокрвната македонска дејствителност. На пазарот на книгите среќаваме не мал број драми со сижети од животот на Македонецот во српска Македонија.
Литературните претставители на македонскиот фашизам ги извртуваат фактите, меѓу масите всадуваат груб шовинизам, ја величат великобугарштината, отклонувајчќи ги македонеките маси од вистинската борба, насаскувајќи ги против српските и грчките народни маси за една нова војна и со тоа се јавуваат како планери за идното ропство на Македонија.
Од овој мал простор со кој располагаме во случајот, ние очекуваме дека ќе бидеме поткрепени од борбени и прогресивни творци.
Прогресивни литературни работници тргнете во чекор со борбите на борбените македонски маси!
На работа за македонека национално-ослободителна уметничка литература!
— [28]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Vistinata za Makedonija niz francuskata istoriografija (1993) од Веле Алексоски, стр. 181. Издаден од Матица македонска
- ↑ Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 881. ISBN 978-608-203-024-1.
- ↑ 3,0 3,1 Мартулков, Алексо (1954). . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја.
- ↑ Делев, Иван (1974). Svetli pŭtishta [avtobiogr.] spomeni. DVI. стр. 50.
- ↑ Зеленгора, Георги (5 септември 2017). „Македонци отвличат комунист, измъчват го 2 г. и го yбиват“. 168часа.
- ↑ Влахов, Димитар (1970). Мемоари. Заедница за издавачка дејност при НИП "Нова Македонија". стр. 328.
- ↑ Мартулков, Алексо (1954). . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја.
Но михајловистите кренаа голем шум. Поумерените од нив се одделија со мене и двајца наши другари да преговараат. Тие предлагаа да cе повлечам јас, а да ме замени друг наш другар... Тие најпосле отворено ни рекоа дека според добиените инструкции нема да дозволат да бидам јас делегат на конгресот.
- ↑ Катарџиев, Иван (1991). VMRO (obedineta), dokumenti i materijali. Институт за национална историја. стр. 136.
- ↑ Историја на македонската нација (1999) од Блаже Ристовски, издадено од МАНУ. стр. 564. (ISBN - 9789989649578)
- ↑ Мокров, Боро (1980). Развој на македонскиот печат и новинарство од првите почетоци до 1945 година. Здружение на новинари на Македонија. стр. 332–334.
- ↑ Ристовски, Блаже (1989). Portreti i procesi od makedonskata literaturna i nacionalna istorija. Култура. стр. 342.
- ↑ Мартулков, Алексо (1954). . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја.
Публиката просто го грабеше весникот за да научи нешто ново за вандализмот на михајловистите. Треба да се рече дека тогаш беа сковани перата на сите журналисти и во весниците во Бугарија не можеше ни збор да се сретна против михајловистите.
- ↑ Законъ за защита на държавата, чл 7. (1924)
- ↑ Иванчев, Димитар (1962). Български периодичен печат, 1844 – 1944: анотиран библиографски указател (PDF). Софија: Наука и изкуство. стр. 462–463.
- ↑ Мартулков, Алексо (1954). . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја.
Нашата борба наиде на големи симпатии и во странство. Преку својата усна и писмена агитација во странство, претставителите од „Обединетата" (Влахов, Поп Томов), ги разобличуваа убиствата и грабежите на михајловистите. Видни писатели, научници Томас Ман, и општественици, како: Анри Барбис, Ајнштајн, Виктор Маргерит, Теодор Драјзлер, Ромен Ролан и многу други испраќаа протестни телеграми до владата и претседателот на Народното собрание. Копии од тие телеграми добивав редовно и јас за да ги објавам во весникот. Во нив михајловистите беа жигосувани како џелати и убици
- ↑ Мартулков, Алексо (1954). . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја.
Продолжуваше да излегува весникот „Македонско знаме", а во неговите колони се заговори веќе за македонска нација. Овој лозунг печалеше сѐ повеќе приврзаници.
- ↑ Катарџиев, Иван (1981). Borba za razvoj i afirmacija na makedonskata nacija. Култура. стр. 215.
- ↑ „Тесници“ во оваа смисла е за тесните социјалисти во Бугарската комунистичка партија
- ↑ Хаџи Кимов, Васил (1939). Съществува ли македонска нация? (PDF). Васил х. Кимов. стр. 3.
- ↑ Ристовски, Блаже (1999). Историја на македонската нација. МАНУ. стр. 578. ISBN 9789989649578.
- ↑ Збор е за цела Пиринска Македонија коja долго во Бугарија била организирана како Петрички округ б.м.
- ↑ РЕЗОЛУЦИЈАТА НА КОМИНТЕРНАТА ОД 1934 ГОДИНА И МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ИНДИВИДУАЛИТЕТ (1980) од Иван Катарџиев, стр 87
- ↑ Sprachliche Aspekte des nation-building in Mazedonien die kommunistische Presse in Vardar-Mazedonien (1940-1943) (1999) од Torsten Szobries, стр. 72. Издаден од F. Steiner
- ↑ ДЪРЖАВЕН ВЕСТНИК, Брой № 71, 29.06.1934
- ↑ Според Иван Катарџиев, Динков бил псевдоним на Васил Ивановски
- ↑ „Македонско знаме“ г. II, бр. 19, 1 април 1934
- ↑ „Македонско знаме“ г. II, бр. 22, 22 април 1934
- ↑ „Македонско знаме“ г. II, бр. 21, 13 април 1934