Граиште
Граиште — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар.
Граиште | |
Поглед на селото | |
Координати 41°14′14″N 21°13′07″E / 41.23722°N 21.21861°E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Демир Хисар |
Област | Железник |
Население | 72 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7240 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 10010 |
Надм. вис. | 610 м |
Слава | Св. Леонтиј[2] |
Граиште на општинската карта Атарот на Граиште во рамките на општината | |
Граиште на Ризницата |
Потекло на името
уредиВо народот постои верување дека името на селото потекнува од неговата местоположба, поради близината на тумбето Градиште на кое некогаш постоел утврден град.[2]
Географија и местоположба
уредиОва село се наоѓа во Железник, во средишниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, недалеку од самиот град Демир Хисар, на оддалеченост од околу 3,5 километри.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 610 метри.[3]
Градиште е рамничарско село со околу дваесетина куќи, градени во поново време. Меѓу нив и стари руинирани градби. Од најблискиот поголем град, Битола, е оддалечено 32 километри. Се граничи со селата Сладуево, Журче и Бараково на север, со селото Вардино на исток, со градот Демир Хисар на југ и со селата Белче и Слепче на запад.[2]
Се наоѓа во долината на Црна Река, а во самиот атар на селото се влева реката Обедничица во Црна Река. Крај селото се наоѓа Граиштанскиот манастир.
Историја
уредиГраиште се смета за стара населба, која е спомената во 1468 година во пописниот турски дефтер. Во селото имало 22 христијански семејства, 1 неженет и 3 вдовиди со вкупно 123 жители. Според пописот од 1568 година селото се намалило на 38 жители.[2]
Во XIX век, Граиште било село во Битолската каза, нахија Демир Хисар, во Отоманското Царство.
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[4]
Градиште
уредиГрадиште бил град-артерија во југозападниот дел на античка Македонија. Бил сместен на ридот над водите на Црна Река, крај денешното село, на кота 757 м.н.в. Видливо и денес се оцртуваат повеќе тераси - нивоа во облик на концентрични кругови. Тие биле ѕидини, односно одбранбени прстени. Обликот на тврдината е прилагоден на конфигурацијата на теренот. Тврдината има правец СИ-ЈЗ, во должина од 250 м и СЗ-ЈИ во ширина од 70 м.
Во североисточната половина се наоѓа плато (акропол), со трапезеста неправилна форма. Пронајдени се монети со ликовите на Филип II, Александар Македонски и други македонски кралеви. Оваа тврдина имала важна улога и во текот на римското, византиското и самуиловото владеење, како и во времето на средновековните владетели Добромир Хрс и Добромир Стрез. Во изворите покрај името Градиште фигурираат и имињата Браунион, Трипола и Добрун.[5]
Стопанство
уредиАтарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 3,6 км2, при што преовладува обработливото земјиште со 218,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 70,4 хектари, а на шумите 49,9 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
Населението се занимава со земјоделство, одгледува градинарски култури, пченка и секако тутун.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Граиште имало 180 жители, сите Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Граиште имало 200 жители.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Градиште се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 34 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Во 1961 година селото било средно по големина и броело 311 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 164 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 145 жители, сите Македонци.[10]
Според неофицијални податоци, во 2015 година селото броело над 90 жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 72 жители, од кои 71 Македонец и 1 лице без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 180 | 200 | 141 | 312 | 311 | 275 | 260 | 206 | 164 | 145 | 72 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиГраиште е македонско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1952 година родови во селото:[16]
- Доселеници: Радевци (13 к.), доселени се од селото Стругово; Кордановци (8 к.), доселени се од некое село во Кичевско; Дели-Цветковци (5 к.), доселени се од раселеното село Крагуево; Ѓаковци (3 к.), доселени се од селото Сладуево; Јолевци (4 к.), доселени се од селото Бараково; Врцковци (3 к.) и Шоклевци (7 к.), доселени се од селото Утово; Распашновци (2 к.), доселени се од селото Сливово, Дебрца. Го знаат следното родословие: Никола (жив на 65 г. во 1952 година) Коте-Ристе, кој се доселил и Цветановци (5 к.) и Топузовци (1 к.), доселени однекаде.
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение[17], подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Демир Хисар
- Дом на културата
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Демир Хисар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Демир Хисар, во која покрај селото Граиште, се наоѓале и селата Бараково, Вардино, Белче, Единаковци, Журче, Кутретино, Мургашево, Ново Село, Лесково, Прибилци, Ракитница, Растојца, Сладуево, Слепче, Стругово и Суви Дол. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Граиште, во која влегувале селата Бараково, Вардино, Граиште, Единаковци и Света.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0622 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 87 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Градиште — градиште од раноантичко и доцноантичко време;
- Превалец — некропола од доцноантичко време;
- Св. Петка — црква од средниот век; и
- Црквиште — црква од старохристијанско време.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Леонтиј“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Тома“ — главна манастирска црква;
- Црква „Св. Петка“ — помала црква.[2]
- Манастири
Редовни настани
уреди- Слави[2]
- Св. Леонтиј (1 јули) — селска слава
Иселеништво
уредиПостари иселеници до 1952 година имало во Србија (1 семејство), Битола (1 семејство) и во Гостивар (1 семејство).[16]
Потоа продолжило иселеништвото и од Граиште има иселеници во градовите Битола, Демир Хисар и Скопје, но има иселено и во европските и во прекуокеанските земји.[2]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Димитров, Никола В. (2017). Географија на населби: општина Демир Хисар (PDF). Битола. стр. 25–26. ISBN 978-608-65616-4-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 86. Посетено на 1 април 2020.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Демир Хисар и Демирхисарскo низ вековите и денес - Ванѓелко Лозаноски, Битола 2005
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 14.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јули 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 16,0 16,1 Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
- ↑ „Основно образование“. македонски: Општина Демир Хисар. Архивирано од изворникот на 2016-08-28. Посетено на 26 јули 2016.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 1 април 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2021-01-07. Посетено на 1 април 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.