Горно Броди
Горно Броди (ретко се сретнува како Горни Брод; грчки: Άνω Βροντού, Ано Вронду) — село во Серско, Егејска Македонија, денес во општината Сер на Серскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 216 жители (2021). Сè до 1924 г. било населено исклучиво со Македонци.
Горно Броди Άνω Βροντού | |
---|---|
Поглед на селото од планината Сминица | |
Координати: 41°17′N 23°41′E / 41.283° СГШ; 23.683° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Серски |
Општина | Сер |
Општ. единица | Горно Броди |
Надм. вис. | 1.060 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 216 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во крајниот јужен дел на областа Мрвачко, на 35 км североисточно од градот Сер, на надморска височина од 1.060 м.[2] Се наоѓа во мала висорамнина меѓу планините Шарлија од запад, Црна Гора од североисток и Сминица од југ.
Низ селото тече Бродска Река.
Историја
уредиСреден век
уредиПрвото споменување на Броди е од XIV век во простагма од српскиот цар Стефан Душан до управителот на Вронди и Трилиса (Трлис) Рајко.[3]
Во Отоманското Царство
уредиРударство
уредиНаселението на селото го носи името „Мрваци“ и традиционално се занимаваат со рударство и сточарство. Горно Броди во минатото бил најголемиот центар за железо во областа Мрвачко. Сѐ до втората половина на XIX век главен занает на селаните било железарството. Жителите на селото исто така биле резбари - браќата Димкови од Горно Броди го изработиле часовник на камбанаријата во с. Тешово, Неврокопско. Кон крајот на XIX век железарството пропаднало, поради што започнува да изумира и селото.
XIX век
уредиВо XIX век Горно Броди бил македонско гратче во Серската каза на Серскиот Санџак. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Горни-брод (Gorni-brod) имало 793 домаќинства и 2.700 жители Македонци.[4][5] Било отворено и егзархиско училиште во 1868 г, во кое Георги Зимбилев од с. Либјахово го заменил јазикот на настава од грчки во бугарски.
По Руско-турската војна (1877-1878) во околината на селото се движела четата на Георги Зимбилев, кој со брат му го заштитува месното македонско население. На Велигден 1880 г. четата на Зимбилевци влегува со развиени знамиња во Горно Броди - војводата ги гори сите грчки книги и ги тера гркоманите да се заколнат пред иконата на Св. Кирил и Методиј, бидејќи нема да прават зло над училиштето и богослужбата. На излегување од селото четата уништува и една черкеска потера. Овие две случки го принудуваат управителот на Сер да испрати војска во селото, која апси 90 лица и многу од нив се затворени во Анадолија. Останатите се пуштени откако се натерани да се заколнат во грчката митрополија. Бугарското училиште работело до 1880-тите, кога е затворено од страна на Цариградската патријаршија.[6][7] Повторно било отворено во 1887 г.
Според Стефан Верковиќ во 1889 г. во селото имало 798 македонски домаќинства.[8] Тој пишува за Горно Броди:
„ | Броди (Врондіа): главното село на казата; 2 нови цркви и 1 стара; 1 училиште, 6 ана, 57 магацини. Жителите се занимаваат со горење на јаглен во горите на Мадемохорскиот полуостров. Тие се занимаваат со тоа од Св. Богородица до Петровден. Земјоделието жителите на тоа село го игнорираат, тука освен рж, ништо друго не расте. Од леот, со чија обработка се занимаваат жените, се приготвува ткаенина. Селото е на падините на Црна Гора, на која снегот се задржува до јуни. Тоа е на 6 часа од градот.[9] | “ |
Во 1891 година Георги Стрезов за селото напишал:
„ | Горно Броди, на 6 часа северно од градот, на крајот од истата долина во која се наоѓа манастирот. Патот е крив и стрмен, сега од едната, потоа од другата страна; има два моста, од кои поголемиот се нарекува „Шејтан-ќопруси“ (Шејтан-мост)...[10] Има две цркви; поголемата „Св. Димитриј“ и „Пресвета Богородица“. Последната е изградена пред 18 години; во двете се служело и на словенски и на грчки. Има две училишта; грчко со еден учител и 40 ученици и бугарско со двајца учители и повеќе од 120 ученици. Бугарското училиште годинава повторно се отвори со „емир“ од Солун, а ова е прва година во кое живее во мир. Населението во оваа паланка е чисто македонско и брзо расте. Има повеќе од 1.200 куќи со 6.000 жители.[11] | “ |
Селото било под влијание на Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија. Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Горно Броди имало 6.100 жители, сите Македонци.[4][12] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Горно Броди имало 6.480 Македонци под Бугарската егзархија и 240 Македонци под Цариградската патријаршија. Во него работеле двете пропаганди — имало и бугарско и грчко училиште.[4][13] Во 1910 г. егзархискиот инспектор во Сер Константин Георгиев вели дека во селото имало црква и училиште, во кое главниот учител бил Ботушаров.[14] Во училиштето имало 295 ученици, од кои 197 машки и 98 женски.[15]
Жителите на селото учествуваат активно во МРО против османската власт. Во 1903 г. селото настрада за време на убиството на Гоце Делчев во соседното село Баница, а по Илинденското востание, многу жители на селото се апсени и затворени, а друг дел се иселуваат во Бугарија.
По Илинденското востание, селото настрадало од честите напади од грчки андарти. Постепено, односите меѓу егзархистите и патријаршистите се влошиле. Во борбата со грчката вооружена пропаганда, селото го добило називот Мала Софија. Во 1909 г., Владимир Икономов бил поставен како мудир на нахијата.[16]
Во Првата балканска војна, 107 лица од селото се вклучиле во Македонско-одринските доброволни чети.[17]
Во Грција
уредиВо Првата балканска војна Горно Броди е окупирано од Бугарија, но по Втората балканска војна во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога броело 794 жители. Селото тешко настрадало во Втората балканска војна, кога неговите жители пред настапувањето на грчката војска побегнало во внатрешноста на Пиринска Македонија и Бугарија. Во 1920 г. броело 1.122 жители.[2]
Под притисок од грчките власти, по настаните во селата Трлис и Караќој на 27 јули 1924 година, уште 739 Македонци принудно биле иселени во Бугарија, а на нивно место се населиле 85 бегалски семејства (вкупно 285 бегалци) од Мала Азија и Источна Тракија.[2] Македонците од селото се преселиле во градовите Неврокоп (200 семејства) и Пловдив (300 семејства)[18], како и во Пазарџик, Пештера, Батак и Софија.[19]
Во 1940 година, населението се зголемило на 1.118 жители, од кои 714 мажи и 404 жени, што укажува дека во бројот на жителите се пресметани и припадниците на полициската станица и војниците кои биле сместени во селото, чиј број изнесувал околу 300 лица.[2] Следната 1941 г. селото е окупирано од бугарски единици, кои во него завеле околу 50 македонски гркомански семејства и 50 грчки колонисти, кои живееле околу изворот Кладнец.[4][18] Горно Броди многу настрадало и во Втората светска војна, а особено во Граѓанската војна (1946-1949), кога преостанатите Македонци биле иселени во Пиринска Македонија. Селото било повторно изгорено, но е обновени и во него биле сместени уште 200 грчки и 50 македонски семејства.[20]
Во текот на 1960-тите почнале да го напуштаат селото и да се иселуваат во поголемите градски центри голем број семејства и поединци, така што во 1971 година е евидентирано со само 450 жители.[2]
Стопанство
уредиНаселението денес исклучително се занимава со земјоделството и сточарството.[2]
Население
уредиЕве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.118 | 384 | 657 | 450 | 347 | 408 | 406 | 199 | 216 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
уредиВо 1920 година, селото станало самостојна општина, а атарот на општината опфаќал површина од 47 квадратни километри.[2] Општината Горно Броди била приклучена во 2011 година и станала дел од поголемата општина Сер.
Селото припаѓа на општинската единица Горно Броди со седиште во истоименото селото, која припаѓа на поголемата општина Сер, во истоимениот округ. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Горно Броди, во кој е единствено село.
Општествени установи
уреди- Полициска станица
Културни и природни знаменитости
уредиЦркви
- Црква „Св. Димитриј“ од 1835 г.
- Црква „Пресв. Богородица“ од 1873 г.
Кули
- Горнобродска кула — изградена во 1870 г.
Личности
уредиРодени во Горно Броди
- Аргир Калчев (1890 - 1958) — уметник
- Атанас Свештаров (1847 - 1930) — македонски револуционер
- Георги Баждаров (1881 - 1929) — македонски револуционер
- Георги Дукимов (1926 - 2021) — деец на ОМО „Илинден - Пирин“
- Георги Зимбилев (1847 - 1883) — македонски револуционер
- Георги Посерото — македонски ајдутин
- Георги Радев (1857 - 1942) — македонски револуционер
- Димитар Пасков (1914 - 1986) — лекар
- Димо Хаџи Димов (1875 - 1924) — македонски политичар и револуционер
- Иван Жилев (1861 - 1907) — македонски револуционер
- Никола Димков (1859 - 1937) — инженер
- Тасос Стамбулоглу (р. 1937) — грчки поет и новинар
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 249.
- ↑ Живојиновић, Драгић (2011), „Простагма краља Душана кефалији Рајку“, Стари српски архив, књ. 10: 35
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Македония и Одринско : Статистика на населението от 1873 г. София: Македонски научен институт – София, Македонска библиотека № 33. 1995. стр. 116–117. ISBN 954-8187-21-3.
- ↑ Кънчов, Васил. Избрани произведения, Том I, София, 1970, стр. 186 – 187.
- ↑ Баждаров, Георги. „Горно Броди“, София, 1929, стр.47 – 48.
- ↑ Верковичъ, Стефанъ (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи (PDF). С. Петербургъ: Военная Типографія (въ зданіи Главнаго Штаба). стр. 228–229.
- ↑ Верковичъ, Стефанъ (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи (PDF). С. Петербургъ: Военная Типографія (въ зданіи Главнаго Штаба). стр. 62.
- ↑ Стрезов, Георги (1891). „Два санджака отъ Источна Македония“ (PDF). Периодическо списание на Българското книжовно дружество въ Средѣцъ. Средѣцъ: Държавна печатница. Година Седма (XXXVI): 835.
- ↑ Стрезов, Георги (1891). „Два санджака отъ Источна Македония“ (PDF). Периодическо списание на Българското книжовно дружество въ Средѣцъ. Средѣцъ: Държавна печатница. Година Седма (XXXVI): 836.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 176. ISBN 954430424X.
- ↑ Brancoff, D. M (1905). La Macédoine et sa Population Chrétienne : Avec deux cartes etnographiques (PDF). Paris: Librarie Plon, Plon-Nourrit et Cie, Imprimeurs-Éditeurs. стр. 198–199.
- ↑ Галчев, Илия. „Българската просвета в Солунския вилает“, УИ, 2005, София, стр. 140 – 141.
- ↑ Галчев, Илия. „Българската просвета в Солунския вилает“, УИ, 2005, София, стр. 141.
- ↑ Дебърски глас, година 1, брой 28, 11 октомври 1909, стр. 3.
- ↑ Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. : Личен състав по документи на Дирекция „Централен военен архив“ (PDF). София: Главно управление на архивите, Дирекция „Централен военен архив“ В. Търново, Архивни справочници № 9. 2006. стр. 838. ISBN 954-9800-52-0.
- ↑ 18,0 18,1 Иванов, Йордан Н (1982). Местните имена между долна Струма и долна Места : принос към проучването на българската топонимия в Беломорието. София: Издателство на Българската академия на науките. стр. 21.
- ↑ Баждаров, Георги. „Горно Броди“, София, 1929, стр.84.
- ↑ Иван Катарџиев. „Серската област“, Скопје, 1961, стр. 95 и сл.
Литература
уреди- „Спомени за с. Горно Броди, Серско“, Екатерина Иванова Жилева
- Васил К’нчов за Горно Броди
- Георги Баждаров. „Горно Броди“, София, 1929.
- Видоески, Божидар. Говорот на селата Плевна и Горно Броди, Драмско. Прилози: Одделение за лингвистика и литературна наука. Македонска академија на науките и уметностите. Скопје, 1992, XVII, 2, стр. 5 – 89.
- Тулешков, Николай. Горнобродските мајстори. В: Паметници Реставрация Музеи, кн. 2 – 3, 2005, 14 – 20.
- Бакърджиев, Константин. „Брождени“
- „Список на лица, родени во Серскиот и Драмскиот Санџак, кои живеат во Софија“, София, 1903 година
Надворешни врски
уреди- Горно Броди на Ризницата ?