Борис Стојчев (физичар)
Борис Стојчев (роден во Битола на 1 јуни 1924 г.) бил канадски универзитетски професор и афирмиран научен работник од областа на физиката, со македонско потекло.
Борис Стојчев | |
---|---|
![]() | |
Роден(а) | 1 јуни 1924 Битола, Македонија |
Починал(а) | 15 април 2010 Торонто, Канада |
Живеалиште | Торонто |
Државјанство | Канада |
Полиња | физика |
Познат по | спектроскопија, молекуларни структури, теорија на ласери |
Поважни награди | Officer of the Order of Canada[1] |
Животопис
уредиНа седумгодишна возраст се преселил кај своите родители во Канада и станал натурализиран Канаѓанец. Во 1947 г. на Универзитетот во Торонто дипломирал инженерска физика, 1948 г. магистрирал, а 1950 г. докторирал на истиот факултет. По повеќегодишни специјализации на разни универзитети во Канада и САД, 1964 г. бил избран за доцент по физика, а 1977 г. за редовен професор на Универзитетот во Торонто. Учествувал во работата на многу високошколски институции во Канада, во својство на член на канадски и интернационални комитети.
Научна кариера
уредиШирокиот спектар на проучувања во спектроскопијата и теоријата на ласерите се области од физиката во кои се афирмирал проф. д-р Борис Стојчев во Канада и надвор од неа. Бројните резултати, печатени во над 100 научни трудови, му донесуваат повеќе меѓународни признанија. Неговите резултати од овие области се цитирани во трудовите на многу познати научници и користени за добивање на нови научни резултати.
Признат на универзитетот на којшто работи, како и надвор од Канада, по своите резултати и научни достигања во областите: светлина, спектроскопија, молекуларни структури, ласери и нивната примена во физиката, му биле доверувани научноистражувачки групи за раководење. Организирал и раководел со интернационални конференции за ласерска спектроскопија и бил уредник или член на редакцијата на познати светски списанија од областа на физиката, како што се: Canadian Journal of Physics ( 1974 - 1980 ), Nuovo Cimento - Италија ( 1974 ), Raman Spectroscopy - Велика Британија ( 1977 - 1980 ), Laser Focus - САД ( 1975 ).
Награди и признанија
уредиПроф. д-р Борис Стојчев, Македонец и иселеник во прва генерација, успеал со големи напори и труд да се афирмира во новата средина и да добие бројни научни признанија во Канада и надвор од неа. Како виден граѓанин на својата нова татковина, тој бил активно присутен во средината на македонското иселеништво и градот Торонто и пошироко во Канада.
За својата научна работа и постигнатите резултати бил одликуван со повеќе канадски и странски одликувања и почесни звања. Во 1982 година бил назначен за Officer of the Order of Canada.[1] Професор Стојчев соработувал и со Артур Шолоу (Arthur Leonard Schawlow), американски добитник на Нобелова награда во 1981 г., при што заедно работеле во областа на ласерската технологија. Борис Стојчев работел и со НАСА на вселенскиот проект Аполо.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран во ноември 1981 г.
Проф. д-р Борис Стојчев почина на 15 април 2010 година[2] во Торонто, Канада.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Борис Стојчев 1924 - 2010, научник, Утрински весник, број 3261, понеделник, 19 април 2010 Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „order“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ Почина академик Борис Стојчев[мртва врска], Дневник, 19.04.2010, број 40412