„Јас, Клавдиј“ (англиски: I, Claudius) — роман на англискиот писател Роберт Грејвс, првобитно објавен во 1934 година од лондонската издавачка куќа Артур Баркер, а истата година се појавило и продолжението на романот со наслов „Богот Клавдиј и неговата жена Месалина“ (англиски: Claudius the God and his Wife Messalina). Поради тоа, под насловот „Јас, Клавдиј“ најчесто се опфатени двете книги.

Содржина

уреди

Книгата се состои од вкупно 57 глави во кои римскиот цар Клавдиј раскажува за својот живот.

  • 1-3 глава: На почетокот, Клавдиј раскажува за една случка од пред 18 години, кога ја посетува пештерското светилиште на пророчката Сибила во Кампанија, каде го слуша пророштвото дека ќе стане римски цар и дека ќе ја напише својата историја која ќе остане за идните поколенија. Пред да почне со описот на својот живот, Клавдиј најпрвин раскажува за својата баба Ливија која, иако бремена, се разведува од дедо му и се премажува за царот Август. По три месеци, таа го раѓа синот Друз (татко му на Клавдиј) кого го одгледува нејзиниот прв маж. Меѓутоа, еден ден, за време на свечената вечера, дедо му ненадејно умира, а најверојатно бил отруен од Ливија и Август. Август и Ливија немаат деца, но таа има големо влијание врз него. Татко му на Клавдиј, Друз, е голем војсководач кој умира во Германија како последица на повредата на ногата. Непосредно пред смртта, него го посетува брат му Тибериј, кој го пренесува мртвото тело на Друз во Рим, каде е погребан со највисоки почести.[1]
  • 4-5 глава: Клавдиј се раѓа во Лион, една година пред да умре татко му. По смртта на Друз, неговото семејство се сели во Рим. Клавдиј е слабо, неразвиено дете кое постојано е болно, куцо и малку глуво на едното уво и поради тоа не го сака ниту мајка му Антонија, ни баба му Ливија, а ниту царот Август. Единствено, кон него добро се однесуваат брат му Германик и Постум, внук на царот Август. Од детството, на Клавдиј особено му останува во сеќавање една случка, кога за време на борбата меѓу орли во неговата прегратка паѓа младенче на волк. По тој настан, еден пророк ја предвидува иднината на Клавдиј. Најпрвин, во текот на шест години, учител на Клавдиј му е Марко Порциј Катон (внук на Катон Постариот), а потоа учител му е Атенодор, кој му всадува љубовта кон историјата. Стрико му на Клавдиј, Тибериј, исто така, е познат војсководач кој е оженет со ќерката на царот Август, Јулија. Тој воопшто не ја сака сопругата, а и таа му е неверна. Царот Август не го дозволува разводот, туку го испраќа Тибериј во прогонство на островот Родос, а Јулија продолжува со своите оргии во Рим. Кога Август дознава за тоа, наредува Јулија да биде прогонета, а подоцна му дозволува на Тибериј да се врати во Рим.[2]
  • 6-11 глава: На 15-годишна возраст, брат му на Клавдиј, Германик, се жени со внуката на царот Август, Агрипина. Клавдиј е заљубен во убавата Камила, девојка од едно угледно семејство, а подоцна, царот Август дава дозвола за нивната свадба. Меѓутоа, на денот на свадбата, непознат сторител ја труе Камила, Клавдиј го свршуваат за друга девојка, но по заповед на Ливија, тој се жени со Ургуланила, проста девојка со огромен раст. Во тоа време, Клавдиј дознава дека татко му не умрел од повредата, туку бил отруен. Стрикото Тибериј го посвојува Германик и така Клавдиј станува глава на семејството. Ургуланила му го раѓа синот Друзил кон за него Клавдиј не чувствува татковска љубов. Ливија открива дека Клавдиј ја пишува биографијата на татко му Друз и му наредува да ја запре работата. Клавдиј, пак, сè повеќе се сомнева дека за смртта на татко му е виновна Ливија. Поради нејзините сплетки, Постум запаѓа во немилост и царот Август го прогонува на пуст остров, со што тој е отстранет како можен наследник на царот. Со своите историски проучувања, Клавдиј му помага на Германик во војната против бунтовниците во Далмација, а потоа, по наговор на Ливија, тој го пишува своето прво историско дело за верските реформи на царот Август. Германик се прославува како војсководец и станува конзул. Август тајно го ослободува внукот Постум од прогонството, но набргу царот умира.[3]
  • 11-21 глава: По смртта на царот Август, Сенатот го прогласува за божество, а Ливија станува врховната свештеничка на неговиот култ. Таа го уништува тестаментот на Август и го подметнува стариот тестамент во кој Август за свој наследник го одредува Тибериј. Истовремено, низ Рим се шири гласот дека е убиен Постум. Веднаш по прогласувањето на Тибер за нов цар, ненадејно умира Јулија, а римската војска во Германија крева бунт против новиот цар, но Германик успева да ги смири побунетите легии. Ливија и понатаму има големо влијание врз политичкиот живот. Клавдиј добива свештенички чин и живее во Капуа, одделен од сопругата и синот, а заедно со една проститутка која го сака и се грижи за него. Еден ден, Клавдиј дознава дека Постум е жив и му пружа помош, но набргу, Тибериј успева да го фати Постум, кој потоа е убиен. По тој настан, Тибериј му дозволува на Клавдиј да се откаже од свештеничкиот чин. Тибериј бладее во сојуз со Ливија, иако двајцата не се веруваат меѓу себе. По тригодишно војување, Германик се враќа победносно во Рим, а Ливија го испраќа Клавдиј во Картагина за да ја спречи неговата средба со Германик. По враќањето во Капуа, Клавдиј продолжува да пишува историски дела. Германик е прогласен за конзул и испратен на Блискиот Исток, но таму ненадејно се разболува и умира. За неговото убиство е обвинет Пизон, блискиот соработник на Тибериј, но по наговор на Ливија, Пизон е убиен од неговата сопруга. Тибериј и Ливија продолжуваат со сплетките, убивајќи неколку свои блиски роднини за да ги отстранат како можни кандидати за царскиот престол. Клавдиј се разведува од Уруланила и се жени со Елија по наговор на Сејан, најблискиот соработник на царот Тибериј, но тој брак е само формален, зашто Клавдиј продолжува да живее во Капуа со проститутката Калпурнија и речиси нокогаш не ја гледа својата нова сопруга. Старата Ливија отворено го изразува непријателството кон Тибериј, читајќи ги навредливите писма на царот Август, а во една прилика го кани Клавдиј на вечера и отворено му ги признава за сите сплетки и убиства, како и за желбата по смртта да биде прогласена за божица. Остарениот Тибериј го напушта Рим и оди на својот имот на островот Капри. Еден ден, на 86-годишна возраст умира Ливија во присуство на внукот Клавдиј, а нејзиниот син Тибериј не доаѓа на погребот.[4]
  • 22-28 глава: Тибериј ја испраќа во прогонство Агрипина, сопругата на Германик, го посвојува нејзиниот син Калигула, а својот соработник Сејан го осудува на смрт и го погубува, заедно со сите негови роднини и пријатели. Агрипина, пак, ја убива ќерката Ливила поради нејзините сплетки и злосторства. Тогаш, Клавдиј се разведува од Елија. Тибериј владее насилнички, потпирајќи се само врз војската, ги запоставува државните работи и насилнички се збогатува. Исто така, тој продолжува со убиствата на блиските роднини, убивајќи ги Агрипина и нејзините деца, како и брат му на Клавдиј при што за свој наследник го определува Калигула. Набргу, остарениот Тибериј се разболува и тогаш го убива неговиот најблизок соработник Макрон во присуство на Калигула, кој така станува новиот римски цар. Како син на омилениот војсководец Германик, тој е дочекан со воодушевување кај народот, но набргу го покажува своето вистинско лице: полудува, си замислува дека е божество, врши бројни убиства, а на Клавдиј му признава дека си го убил татка си Германик и дека неговите сестри му се љубовници. Потресена од грозните дела на Калигула, се убива мајка му на Клавдиј, бабата на Калигула, а тој продолжува со злосторствата и ги убива својот најблизок соработник, Макрон, како и својата омилена сестра Друзила која веднаш ја прогласува за божица. Истовремено, тој се изживува врз своите роднини, убива многу невини луѓе, ги граба сите убави жени кои ќе му се допаднат, немилосрдно ги троши државните пари на игри, оргии и прослави, а на богатите луѓе им изнудува многу пари. Исто како и при владеењето на Тибериј, Клавдиј успева да ги преживее и овие премрежија само благодарение на тоа што сите го сметаат за глупав. По налог на Калигула, Клавдиј мора да се ожени со убавата Месалина поради што мора да се раздели од саканата проститутка со која живее неколку години. Најпосле, не можејќи да го трпат самоволието на Калигула, неколку видни луѓе организираат заговор и го убиваат царот. Додека војниците ја ограбуваат царската палата, тие случајно го пронаоѓаат скриениот Клавдиј и го прогласуваат за наследник на Калигула. Така, на 50-годишна возраст, Клавдиј случајно станува нов римски цар.[5]
  • 29-52 глава: Додека Клавдиј се наоѓа во касарната под заштита на гардата, заверениците и сенатот не сакаат да го признаат како цар, но најпосле тој успева да ја презема власта благодарение на пресудната помош од семејниот пријател, Херод Агрипа, а водачите на заговорот се убиени или самите се убиваат. Набргу, со помош на Месалина и на Херод Агрипа, Клавдиј воведува големи реформи во римската држава, спроведува големи јавни работи и обезбедува мир и напредок. Откако власта на Клавдиј не е повеќе загрозена, Херод Агрипа се враќа во својата татковина Палестина. Клавдиј, пак, го исполнува својот завет и ја прогласува баба си Ливија за божица. По некое време, Месалина му раѓа син и ќерка, по што таа се преселува во друга палата и започнува да го изневерува со голем број љубовници. Истовремено, таа прави бројни сплетки и прима мито за своите политички услуги, а наивниот Клавдиј не знае ништо за нечесните и срамни дела на својата сопруга. По некое време, неколку сенатори се обидуваат да организираат бунт, но нивниот обид пропаѓа. Клавдиј започнува воен поход во Британија и благодарение на големите знаења до воената тактика извојува голема победа против побунетите племиња поради што му е приреден триумфален пречек во Рим. Истовремено, сè почесто добива вести дека Херод Агрипа, кој верува дека е еврејскиот Месија, тајно се подготвува за бунт против Римското Царство и за таа цел склучува воен сојуз со соседните кралеви. Меѓутоа, тој ненадејно умира, а непосредно пред смртта му пишува писмо на Клавдиј, признавајќи го својот грев и барајќи да му прости. [6]
  • 53-57 глава: По девет години минати во брак, Месалина го убедува Клавдиј формално да се разведат со оправдание дека божем тоа ќе биде добро за царството. Меѓутоа, во една прилика, додека тој се наоѓа надвор од Рим, добива итна порака од проститутката Калпурнија која го известува за блудната и корумпираната Месалина. Во меѓувреме, во Рим, Месалина и нејзиниот најнов љубовник прават развратна свадба со намера да направат завера против Клавдиј, меѓутоа тој испраќа војска која ги апси заверениците и многубројните љубовници на Месалина, а неа ја убива еден офицер. По нејзината смрт, Клавдиј формално се жени со Агрипинила, ќерката на неговиот брат Германик. Пет години подоцна, тој го посвојува Нерон, синот на Агрипинила. Набргу, куќата на Калпурнија ненадејно ја зафаќа пожар во која погинуваа таа. Последните години од животот, Клавдиј е разочаран и рамнодушен кон државните работи и свесно ѝ ја препушта целата власт на Агрипинила. На 64-годишна возраст, согласно со едно старо пророштво, Клавдиј ја очекува својата смрт и прави план за да го спаси својот син Британик, но тој одбива тајно да побегне во Британија. Така, Клавдиј ги прогласува Нерон и Британик за свои наследници, но свесен е дека Нерон ќе биде новиот цар, а Британик ќе биде убиен и така ќе згасне неговата семејна лоза.[7]

Наводи

уреди
  1. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 9-26.
  2. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 27-43.
  3. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 27-88.
  4. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 89-149.
  5. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 150-197.
  6. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 198-346.
  7. Robert Graves, Ja, Klaudije car i bog. Prosvjeta, Zagreb, 1978, стр. 347-382.